На Пелистер денеска започна вториот младински камп на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија. Настанот е посветен на едукацијата, развојот на лидерските вештини и активното вклучување на младите луѓе во политичкиот живот. Кампот претставува можност младите од различни општински организации да разменат искуства, да ги прошират своите знаења и да разговараат за улогата што ја имаат во развојот на партијата и иднината на Македонија.

Овогодинешниот камп е продолжение на иницијативата започната минатата година во Струга, кога младите ја потпишаа иницијативата за формирање на Клубот на млади. Она што тогаш беше поставено како заедничка идеја, утре ќе добие конкретна институционална форма во рамките на Движењето ЗНАМ, со одржувањето на Првата изборна конференција на Клубот на млади.
Првиот ден од кампот е посветен на теми од непосредно значење за младите кои сакаат активно да се вклучат во општествените процеси. Преку две тематски предавања, учесниците разговараа за градењето и развојот на политичкиот подмладок, мобилизацијата и теренската работа, младинското лидерство и начините за поефикасно организирање.

Првата изборна конференција на Клубот на млади, предвидена за утре во рамките на кампот, е дел од Акцискиот план на Движењето за 2026 година. Со овој настан се заокружува досегашната иницијатива и се отвора простор за натамошен развој на структурата преку која младите активно ќе учествуваат во креирањето на одлуките.
Движењето ЗНАМ ја потенцира потребата од континуирана едукација и личен напредок на младите генерации подготвени да преземат општествена одговорност. Политичкото учество бара знаење, посветеност и конкретен ангажман, што претставува темелна вредност на активностите што ги обединуваат младите на планинскиот центар.

Преку овој втор младински собир се упатува порака дека младите не се само иднината, туку главен глас, енергија и двигател на промените што се случуваат денес.
