Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија свечено го одбележа Денот на македонската револуционерна борба и 40-годишнината од упокојувањето на Архиепископот Ангелариј. Информацијата попладнево ја соопштија од Австралиско-сиднејската епархија при МПЦ-ОА.

Настанот беше организиран под насловот „Чувари на верата и македонскиот идеал“ и се одржа во најстариот македонски православен храм во дијаспората, „Св. Георгиј и Пресвета Богородица“ во мелбурнскиот кварт Епинг. Храмот претставува духовно средиште за голем број македонски генерации на австралискиот континент.

Програмата опфати панихида и положување свежо цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев, со што им беше оддадена почит на македонските национални дејци и нивната борба за слобода и достоинство. Панихидата ја отслужи парохискиот свештеник, јерејот Климент Станковски, по што следуваше културно-уметничка програма со свечен настап на членовите на КУД „Светлост“ и заедничко дружење меѓу присутните.

Свеченоста ја отвори претседателот на црковната општина, Дејан Змејковски, кој ја нагласи важноста од зачувување на споменот за историските личности кои придонеле за националната кауза.

„Молитвениот спомен за блаженоупокоениот Архиепископ Ангелариј и почитта кон македонските национални дејци ги обединија Македонците во Мелбурн во заедничко чествување на православната вера, црковната самобитност и националниот идеал“, посочи Змејковски.

Змејковски ја истакна значајната улога на македонските црковни општини во Австралија во зачувувањето на националната посебност. Преку редовниот богослужбен живот, културните настани и заемната солидарност, овие општини ги негуваат православната вера, јазикот и традициите за идните поколенија.

Посебно место во чествувањето зазема молитвениот спомен за Архиепископот Ангелариј, чиј свештенички пат е директно поврзан со заедницата во овој дел од светот. Во 1961 година тој бил поставен за парохиски свештеник при црквата „Св. великомаченик Ѓорѓи“ во квартот Фицрој, каде што дејствувал сѐ до 1964 година. За Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија, споменот на поглаварот претставува трајна благодарност за неговиот придонес кон развојот на организираниот црковен живот.

На свеченоста присуствуваа голем број активисти и членови на македонската заедница, како и претставници на локалните институции. Како гостин присуствуваше новоименуваниот амбасадор во Австралија, Стојанче Китаноски, кому ова му беше прва официјална посета на Мелбурн по предавањето на акредитивните писма. На собирот присуствуваше и Бронвин Халфпени, пратеничка за Томастаун во Парламентот на државата Викторија.

Амбасадорот Китаноски упати честитки за празникот 23 Октомври и посака натамошни успеси во работата на најстарата црковна општина во дијаспората. Чествувањето продолжи со работна посета на манастирот „Св. Климент Охридски“ во Кинг Лејк, каде што гостите беа пречекани од игуменот отец Гаврил (Галев), кој ги запозна со историјата и мисијата на овој духовен комплекс.