Фискална консолидација и буџетски цели во фокусот на разговорите

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Вашингтон оствари средба со заменик-генералниот директор на ММФ Бо Ли, во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка.

На средбата, како што беше посочено, била нотирана и поздравена заложбата за фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит на среден рок под 3%.

„Владата и Министерството за финансии остануваат цврсто на определбата за постепена фискална консолидација и истовремена поддршка на економскиот раст преку обезбеден висок износ на капитални расходи во Буџетот. Клучен приоритет е задржување на стабилноста во јавните финансии, а имајќи ги предвид особено случувањата на меѓународен план и предизвиците кои што произлегуваат особено за мали и отворени економии како нашата“, рече министерката.

Таа додаде дека паралелно се работи и на мерки за одржување на економската активност, која, како што истакна, бележи позитивни движења во изминатиот период.

„Таа посочи дека покрај напорите за фискална консолидација особено се работи на мерки за одржување и засилување на економската активност којашто имаше позитивен тренд во втората половина од 2024 и во текот на 2025 година и стапки на раст околу и над 3%.“

Реформите и стабилноста се клучни за отпорна економија

Во разговорите било нагласено дека фискалната консолидација е важна за создавање простор за реакција во услови на кризи.

Се дискутирало и за актуелните мерки поврзани со поддршка на граѓаните и економијата, во контекст на растот на цените на енергенсите.

„При тоа беше укажано на мерките што се спроведуваат во моментов за поддршка на економијата и граѓаните заради растот на цените на енергенсите а како последица на конфликтот на Блискиот Исток.“

Министерката истакнала дека институциите следат внимателно и реагираат на економските движења.

„Министерката посочи дека Владата има внимателен пристап и дека се следи состојбата и се преземаат соодветни мерки за справување со предизвиците.“

Поддршка за реформи и регионални иницијативи

На средбата биле поздравени и наодите од извештајот на ММФ по Член 4, како и напредокот во реформите во јавните финансии.

Соговорниците ја поздравиле и новата иницијатива за поддршка на земјите од Западен Балкан и Молдавија во зајакнување на институциите и усогласување со европските стандарди.

Димитриеска-Кочоска со оваа средба ја заокружи работната посета на Вашингтон, каде што одржа и низа други состаноци со меѓународни финансиски институции и претставници на американски институции.