Карневалскиот викенд во Бразил беше засенет од трагедија: најмалку 36 лица загинаа во лизгање на земјиштето во југоисточниот дел на земјата. Но, имаше и две „чуда“.

Големите дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето во бразилската сојузна држава Сао Паоло. Притоа загинаа 35 луѓе. Една жртва од невремето има во Убатуба.

Гувернерот Тарсио де Фреитас прогласи вонредна состојба во Сао Себастиао и други погодени општини. Во крајбрежниот регион северно од метрополата Сао Паоло најмалку 228 луѓе останаа без покрив над главата како резултат на поплавите, а 338 мораа да ги напуштат своите домови. Засега нема информации за бројот на исчезнати лица.

Според градоначалникот на Сао Себастиао, Фелипе Аугусто, речиси 50 згради во градот се урнале под тежината на водата, а под урнатините има многу затрупани луѓе. Ситуацијата во градот е исклучително критична, карневалските настани се откажани.

Сликите објавени на телевизија и на интернет мрежи покажуваат дека цели населби во Сао Себастиао се потопени, а низ вода пливаат остатоци од куќите. Има и поплавени автопати и автомобили оштетени од паднати дрвја. Според медиумите, меѓу загинатите има и деца.

Среде тажните настани, имаше и „две чуда“, твитна владата на Сао Паоло. Спасени се затрупано двегодишно дете и бремена жена која се породила и нејзиното бебе.

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој моментално е на одмор, на Твитер објави дека денеска ќе ја посети погодената област од катастрофата.

Според градската управа, во Сао Себастиао во рок од 24 часа паднале 60 сантиметри дожд. Тоа е двојно повеќе од дождот што обично паѓа за цел месец. Експертите велат дека такво нешто во регионот досега не е видено. Според најавите, се очекуваат нови обилни врнежи, што дополнително би ја отежнало работата на спасувачите.

Минатата година во Петрополис, во југоисточен Бразил, во поплави и лизганње на земјиштето повеќе од 230 луѓе загинаа.