Република Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право, Повелбата на ООН, принципите и заложбите на ОБСЕ за заштита на европската безбедносна архитектура и глобалната стабилност, се наведува во заедничкото соопштение на МНР и Министерството за одбрана како реакција на изјавата на портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.
– Северна Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независнот на Украина, а пред се во поддршка на мирот, човековите права и меѓународниот поредок заснован на правила. Имено, досега, Владата на Република Северна Македонија донесе неколку Одлуки за воено – техничка помош со кои и помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција, се посочува во соопштението.
Република Северна Македонија, се додава понатаму, како членка на најмоќниот воено – политички сојуз – НАТО Алијансата, одлучно стои зад позицијата и решителноста на Алијансата да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји – членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова, денеска изјави дека Москва смета дека е голема грешка одлуката на властите на Северна Македонија да и донираат на Украина тенкови Т-72. Според неа, иако станува збор за застарена опрема, со донацијата се дава поддршка за „продолжување на криминалните активностите на режимот во Киев“.
– И покрај тоа што, според северномакедонските власти, тоа е „безопасна“ донација на застарена опрема, останува фактот дека лојалното кон НАТО Скопје е вклучено во испораката на оружје а Украина, со што придонесува за продолжување на криминална активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас. Луѓето кои исповедаат демократија, слобода и човекови права треба да го знаат тоа. Сето ова води кон дополнително влошување на ситуацијата. Сметаме дека ова е голема грешка на раководството на Северна Македонија, вели Захарова во изјавата објавена на веб страницата на МНР на Русија.