Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) денеска повикало претставник на Амбасадата на Бугарија во Скопје, изразувајќи незадоволство од изјавите на бугарски официјални претставници кои ги оценува како провокативни и како мешање во внатрешните работи на Македонија.

На средбата било предупредено и на можноста за преземање дипломатски мерки согласно со Виенската конвенција.

На разговор бил повикан дипломатот што во отсуство на амбасадорот Желјазко Радуков ја извршува функцијата вршител на работи.

Повод за реакцијата била неодамнешната изјава на бугарскиот министер за ни работи Иван Демерџиев, поврзана со случајот со Ива Михајлова.

Од македонското Министерство оцениле дека изјавата е „навредлива и провокативна“, без во доставеното соопштение да се наведат конкретните зборови на бугарскиот министер.

Незадоволство било изразено и поради настапот на бугарскиот амбасадор Радуков за телевизијата БТВ.

Според МНРиНТ, квалификациите што амбасадорот ги изнел за работата на македонските институции претставуваат директно мешање во внатрешните работи на државата.

„Од наша страна беше посебно нагласено дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи – врз основа на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација“, се наведува во соопштението.

Македонската страна предупредила дека продолжувањето на ваквото однесување може да доведе до официјална дипломатска реакција.

„Ваквото однесување може да наметне потреба од соодветна институционална реакција согласно со одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи“, се посочува во информацијата од Министерството.

Од МНРиНТ потсетуваат дека Виенската конвенција ги утврдува правилата за дипломатско дејствување, вклучително и обврската дипломатските претставници да не се мешаат во внатрешните работи на државата во која се акредитирани.

И покрај острите забелешки, Министерството нагласува дека Македонија останува посветена на добрососедските односи со Бугарија, но очекува таков пристап и од Софија.

„На крајот од средбата уште еднаш беше нагласена нашата посветеност на развојот на добрососедските односи, засновани на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, при што истата посветеност и одговорност ја очекуваме и од бугарската страна“, се наведува во соопштението.