Македонија евакуираше 50 граѓани кои живееле во Украина. 20 граѓани заминале оттаму пред војната да започне, а 30 откако започна.
Романија, Молдавија, Полска, балтичките држави се тие кои преку нивните претставници во Украина можат да им помогнат на останатите затечени Македонци во војната. Во Министерството за надворешни работи, како заглавени во Украина се јавиле и двајца возачи на транспортни камиони.
-Извлечени се 15 монитори во специјалната мисија на ОБСЕ, останатите 15 се граѓани, цивили. Извлечени се преку партнерска соработка, пред сѐ со Бугарија, кажа министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Во Харков, градот во Украина каде со денови се водат најголемите борби, има истотака заглавено македонско семејство.
-Има семејство со петдневно бебе во Харков каде се одвиваат најголемите воени дејствија. Во постојана комуникација сме со нив. Не можеле да одговорат на повикот, бидејќи чекале породување. Имаме комуникација со многу држави, за тие кои имаат пристап до тој град, кој се наоѓа до границата со Русија, да го извлечеме тоа семејството, посочи Османи.
На границата со Полска, украинските власти не дозволуваат државата да ја напуштат двајца возачи кои превезуваат руска роба со македонски камиони. Властите не дозволуваат, робата да ја напушти Украина. Тие се затекнале на границата во моментот кога започнала војната.
-Комуницирав со амбасадата, го информирав министерот. Во Украина е воена состојба. Таков е нивниот став по однос на руските продукти. Правиме напори за да ги ослободиме камионите за да влезат во Полска. Тие се на безбедно. Можат само сами да ја напуштат државата, но не и со камионите. Тие се во камионите сега. Се обиде нашиот амбасадор од Варшава да ги извлече, отиде на границата, но Украинците имаат други проблеми, не ги пуштаат, посочи Османи.