Министерството за надворешни работи остро го осуди вандалскиот и немил инцидент, кој се случи на денот на обележувањето на 150 годишнината од раѓањето на нашиот најистакнат револуционер Гоце Делчев, кој беше извршен од членови на навивачки групи, кои, како што се наведува, на нецивилизиран начин ги отстрануваа лентите од венците кои беа положени од страна на бугарските официјални претставници за време на оддавањето почит на гробот на Гоце Делчев.

-За овој настан, министерството за надворешни работи официјално ја извести Република Бугарија дека надлежните институции на Северна Македонија веќе ги презедоа сите потребни чекори и постапки со цел откривање на сторителите на овој немил инцидент, преку кој се прави обид да се фрли сенка на обележувањето и чествувањето на смртта на Гоце Делчев, на неговиот гроб, но и на угледот на нашата држава и на делегациите од Бугарија кои учествуваа на овој свечен чин на чествување на оваа голема историска личност, значајна за сите нас, се вели во реакцијата на МНР.