Бугарските власти ќе утврдуваат кога, каде и како Ива Михаилова влегла во Бугарија, а ќе испитаат и дали ѝ е потребна заштита, изјавил бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, пренесува „Новини.бг“. Михаилова се наоѓа во болницата „Пирогов“ во Софија, откако ја напуштила Македонија, каде што против неа се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици.

„Известен сум дека таа и нејзиниот адвокат се наоѓаат во ‘Пирогов’. Ќе се преземат чекори за нејзино сослушување и за утврдување кога, каде и како ја преминала границата“, изјавил Демерџиев. Тој додал дека ќе бидат проверени и другите околности, вклучително и дали постои потреба Михаилова да добие обезбедување.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија остро реагирало на приемот на Михаилова во Софија. Од МНР оцениле дека постапувањето на бугарските институции ја поткопува довербата меѓу двете држави и е спротивно на заложбите за добрососедски односи.

Од Министерството нагласиле дека националната припадност и поседувањето друго државјанство не смеат да бидат основа за избегнување судска одговорност. Најавиле дека за случајот ќе ги информираат и меѓународните партнери, особено институциите на Европската Унија и Советот на Европа.

Случајот добива и политичка димензија поради таткото на Ива, Симеон Михаилов, кој се наоѓа во Бугарија. Според објавените информации, против него во Македонија има правосилна затворска пресуда од 12,5 години за обид за убиство на Драганчо Стоименов, познат како Дацо Белски. МВР го бара со меѓународна потерница за издржување на казната.

Пред еден месец, Михаилов учествувал на протест пред македонската амбасада во Софија. Во изјава за бугарската телевизија Б-ТВ ја нарекол Македонија „сурова земја“ и ги критикувал ограничувањата за патување на неговата ќерка додека трае судскиот процес.