Македонскиот народен театар воведува нова можност за странската публика – дел од претставите во новата сезона ќе имаат превод на англиски јазик. Новата практика ќе започне со премиерата на „Три сестри“, која на 25 септември ќе ја отвори сезоната 2026/2027.

Претставата, работена според драмата на А. П. Чехов, е во режија на Нела Витошевиќ, а ќе биде првата сценска изведба во МНТ што ќе биде достапна и со англиски превод. Со ова, театарот има за цел својата програма да ја доближи до странските посетители и до сите љубители на уметноста кои не го разбираат македонскиот јазик.

Новата сценска адаптација, подготвена според текст на Васил Христов и Нела Витошевиќ, со драматургија на Викторија Рангелова-Петровска, претставува современо видување на едно од најпознатите дела во светската драмска литература.

Во претставата настапуваат Дарја Ризова – Ирина, Наталија Теодосиева – Маша, Верица Недеска – Олга, Дамјан Цветановски – Андреј, Благој Веселинов – Александар, Емил Рубен – Иван, Ивица Димитријевиќ – Игор, Нина Деан – Наташа и Антонио Ташковски – Никола.

Креативниот тим го сочинуваат сценографот Игор Васиљев, костимографката Роза Трајческа, композиторот Огнен Анастасовски, како и извршните продуценти Симона Угриновска и Виктор Рубен.

Билетите за премиерата и првите изведби веќе се во продажба. Од МНТ ја повикуваат публиката навреме да ги обезбеди своите места и да присуствува на свеченото отворање на новата театарска сезона.

Со воведувањето превод на англиски јазик за одредени термини, МНТ прави чекор кон поголема интернационализација на својата програма и отворање на македонската театарска сцена кон нова публика.