Институциите започнаа со оперативното спроведување на Акцискиот план за заловување и згрижување на говедата што неконтролирано се движат низ Крива Паланка и околните населени места. На состанокот на Координативниот штаб во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беа утврдени конкретните активности, потребните ресурси и задолженијата на институциите вклучени во операцијата.

Следниот чекор предвидува мапирање на локациите на кои се наоѓа добитокот. Надлежните ќе ја утврдуваат неговата бројност, распространетоста на стадата и пристапноста на теренот, по што ќе се организираат процесите на заловување, ветеринарно-здравствената контрола и транспортот на животните.

Акцискиот план се однесува на говедата за кои веќе постојат правосилни решенија за одземање. Во почетната фаза е предвидено одземениот добиток да биде предаден на Казнено-поправните домови во Идризово и Прилеп. Воедно, се разгледува и можноста дел од животните, во согласност со законските прописи, да им бидат отстапени на здруженија на сточари и млади сточари.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство посочува дека со воспоставувањето на Координативниот штаб се создаваат оперативни услови за системско надминување на овој долгогодишен проблем.

„Со воспоставувањето на овој механизам на институционална координација создаваме оперативни предуслови за системско и трајно надминување на проблемот со кој се соочуваат жителите на Крива Паланка. Приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, преку ефикасно спроведување на законските решенија, со истовремено почитување на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните. Од суштинско значење е секоја институција одговорно и ефективно да го реализира својот дел од преземените обврски“, вели Серафимовски.

Во реализацијата се вклучени Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Бирото за процена.

Агенцијата за храна и ветеринарство ќе биде задолжена за заловување и одземање на говедата, Агенцијата за управување со одземен имот за нивното преземање, транспорт и сместување, додека Министерството за внатрешни работи ќе обезбедува полициска асистенција на терен. Центарот за управување со кризи ќе раководи со координацијата, Дирекцијата за заштита и спасување ќе пружи логистичка, техничка и кадровска поддршка, а Бирото за процена ќе врши проценка на вредноста на одземените животни.

Координативен состанок за заловување на добитокот во Крива Паланка

Според жителите на засегнатите села, неконтролираното движење на стадата трае повеќе од 15 години. Животните постојано влегуваат во ниви, дворови и земјоделски површини, ги уништуваат посевите, а нивното излегување на сообраќајниците создава постојана опасност во сообраќајот.

Во последните неколку години проблемот дополнително ескалираше. Според теренските процени на локалните власти, низ Крива Паланка и околните села во моментов се движат околу 1.000 грла крупен добиток, што е раст во однос на пред три години кога бројката изнесуваше околу 600 грла.

Агенцијата за храна и ветеринарство претходно информираше дека до 18 ноември биле заловени 96 говеда, при што како главни пречки беа наведени непристапноста на теренот и опструкциите од страна на поранешните сопственици. Заловувањето на овој дел од животните сепак не го реши целосно проблемот, бидејќи најголемиот број говеда продолжија да се движат слободно.

Случајот е поврзан со семејството Ѓорѓиевски, кое претходно фигурирало како сопственик на добитокот. Иако за животните претходно биле донесени правосилни решенија за одземање, нивното спроведување наидуваше на постојани потешкотии. Против поранешниот сопственик и неговите две ќерки минатата година беше поднесен обвинителен предлог за спречување службено лице во вршење службено дејствие, откако со закани и употреба на сила ги спречиле инспекторите и полицијата да постапат, а постапката пред судот во Крива Паланка сè уште нема судски епилог.

Ескалацијата на конфликтот е потврдена и со полициските евиденции, каде во ОВР Крива Паланка се забележани вкупно 104 пријави поврзани со истото семејство. Меѓу нив се наоѓаат 43 пријави за упатени лица, 18 поплаки, шест за нарушување на јавниот ред и мир, 16 за дела што се гонат по приватна тужба и 21 кривично дело за гонење по службена должност, меѓу кои оштетување туѓи предмети, загрозување сигурност, насилство и спречување службени лица.

Последниот тежок инцидент беше евидентиран на 21 ноември, кога 67-годишна жителка од селото Дрење пријави физички напад при расправија околу штетите нанесени од кравите, при што се здоби со скршеница и тешки телесни повреди, по што полицијата презеде кривично-правни мерки.

Граѓаните претходно организираа протести и бараа итна реакција, а општината бараше и прогласување кризна состојба, при што градоначалникот Сашко Митовски посочуваше дека локалната власт нема капацитет сама да се справи со ситуацијата.

По владиното усвојување на Акцискиот план, протестите беа ставени во мирување со цел да се отвори простор за институционално дејствување. Сепак, отворени остануваат прашањата дали акцијата ќе ги опфати буквално сите говеда на терен или само оние со решенија за одземање, како и начинот на кој оштетените граѓани ќе добијат надомест за претрпените штети.

Јавноста сега очекува најавените планови да преминат во целосна теренска акција и конечно да се стави крај на повеќедеценискиот проблем на локалното население.