Поранешната шефица на ЕУ за надворешни работи под истрага
Поранешната висока функционерка на Европската унија, Федерика Могерини, заедно со уште две лица, денеска беа ослободени по сослушувањето во истрага за измама, соопшти Канцеларијата на Европскиот јавен обвинител.
Тројцата осомничени беа запознаени со обвинувањата кои ги опфаќаат измами при јавни набавки, корупција, судир на интереси и кршење на професионална тајна. Тие беа ослободени бидејќи истрагата не утврди ризик од бегство.
Истрагата се врти околу Европската служба за надворешни работи и Колеџот на Европа, и се однесува на курс за обука на дипломати, кој бил финансиран со средства од ЕУ.
Могерини, која порано ја водеше Европската служба за надворешни работи и беше италијанска министерка за надворешни работи, моментално ја извршува функцијата директорка на Дипломатската академија на Европската унија и ректор на Колеџот на Европа.
