Премиерот со остар став за името, приватизацијата и скандалот Соравиа

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Собранието испрати силна порака дека Македонија е и ќе остане неговата земја, нагласувајќи дека придавката „Северна“ ја изговорил само при давањето на заклетвата од државнички интерес.

– Не можете вие мене да ми кажете како јас да ја нарекувам мојата земја и што да кажувам. Мојата земја сум кажал дека е Македонија и ќе биде Македонија. Во интерес токму на оној државен интерес и слично кога давав заклетва ја спомнавме придавката за да не дојде до некои други компликации. Инаку нема да слушнете поинаку, барем додека јас сум премиер, рече Мицкоски.

Тој одговараше на прашање на пратеникот Скендер Реџепи Зејд, кој зборуваше за употребата на уставното име во контекст на евроинтеграциите, но и за скандалот со Соравиа и приватизацијата од 90-тите години.

– Дали го почитувам Уставот? Да, го почитувам Уставот, и токму при заклетвата кога ја давав како мандатар на Владата ја спомнав придавката дека го почитувам Уставот, а на оваа говорница можам и согласно Уставот да си кажувам она коешто мислам дека можам да го кажам и тоа е слобода на говор, нагласи Мицкоски.

Премиерот оцени дека обраќањето на Реџепи е мотивирано од претстојната кампања за локалните избори.

– Јас сум збунет со вашето обраќање денеска освен што видов дека сте жестоко мотивиран за кампањата која што ќе почне и претпоставувам дека го почитувате она добро е да се учествува не да се победи. И се надевам дека ќе постигнете исклучително квалитетен резултат, рече Мицкоски.

Тој ја нарече приватизацијата криминална, но нагласи дека ништо не може да се смени по тоа прашање поради временската дистанца.

– Еве јас ви кажувам не како Македонец. Да е криминална приватизација. И тоа можам да ви го кажам. Но, исто така дали можам нешто да сторам по тоа прашање што се случило пред 30 и неколку години, не можам и затоа оставете ја таа фолклор реторика на страна, видете што можете да направите, рече премиерот.

Во продолжение, тој остро ја нападна ДУИ, обвинувајќи дека за време на повеќе од две децении власт не направиле ништо за да ја исправат неправдата од приватизацијата, туку напротив, „се уортачиле со истите тие кои ја спровеле“.

– Имаше министри за правда, за економија, за финансии, за надворешни, за одбрана, дури и премиер имаше. Што направи по тоа прашање? Ништо, нула. Туку се уортачи со истите тие и како резултат на тој ортаклук играа фудбалчиња… како резултат на тој ортаклук се случи Соравиа, се случија инстант фирми за јаглен коишто преку ноќ стануваа милионери, се случи сватовски возен парк од милиони евра каде што се возеа мерцедес автомобили…, рече Мицкоски.

За случајот Соравиа, премиерот додаде со иронија:

– Детето си заиграло и решило оп трговски да си купи, изјави тој.