БИТОЛА – Обдукцијата покажа дека за смртта кај 24-годишното момче Симеон Т. од битолското село Цапари, кое вчера почина во Битолската болница нема лекарска грешка и дека причината е десеминирана интраваскуларна коагулација (ДИК), пренесува Независен.
Од Битолската клиничка болница за „Независен“ потврдуваат дека обдукцијата завршила, ден по смртта, и дека наодот покажала дека смртта кај момчето настапила заради тежок инфект и внатрешно крварење на органите.
„Наодот од обдукцијата покажа дека причината за смртта кај младиот пациент е ДИК или десеминирана интраваскуларна коагулација. Тоа е брзо трошење на факторите на згрутчување на крвта и доведува до неконтролирано крварење на многу органи и системи во организмот, а резултира со прогресивно создавање тромбози и микротромбози кај сите органи. Сето ова е предизвикано од тежок инфект кај детето. Обдукцијата покажа дека нема лекарска грешка“, изјави д-р Елизабета Ивановска, директорка на Битолската болница за „Независен“.
Смртта на момчето настапила вчера доцна попладнето по 18 часот, откако од утрото било примено на болница со многу висока температура и трески. На почеток било згрижено на одделот за Интензивна нега, и биле консултирани конзилијарно и лекари од други одделенија, но од час во час состојбата се влошувала, па по речиси десет часа од хоспитализацијата и борба на лекарите момчето починало.