Министерството за образование и наука е подготвено да се соочи со предизвиците на 21 век во образованието и успешно да ги спроведе сите препораки и насоки на Европската Унија, вели Јасмина Вукиќевиќ, посебен советник во МОН.

Како дел од владината делегација предводена од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, изминативе денови таа учествуваше на скрининг објаснувачките состаноци за Поглавјето 26 – образование и култура, на кои македонската делегација доби препораки и насоки.

-Министерството за образование и наука во рамки на билатералниот скрининг, закажан за мај идната година, досега направи важни реформски процеси во полето на образованието и тие продолжуваат и во периодот кој следува. Согласно досегашните реформи, МОН го усвои и успешно го спроведува новиот Концепт за основно образование, придружен со дополнителни наставни планови, програми и насоки за спроведување на наставниот процес, наведува МОН во соопштение.

Посочува дека е почната реформа во средното стручното образование, чија цел е младите да се подготват целосно да одговорат на барањата на пазарот на трудот, при што се формирани три регионални центри за стручно образование и наука.

-МОН е успешен учесник во европските програми, односно во Еразмус плус и Европскиот солидарен корпус, додава Министерство за образование и наука.