Работни групи во Министерството за образование и наука во кои членуваат и стручни лица од наставничката и академската фела, експерти и претставници на повеќе надлежни институции, подготвуваат шест нови законски решенија со кои ќе се унапредат образовните услуги кои се испорачуваат кон граѓаните и ќе се обезбедат повеќе права и можности за различни засегнати категории во областа.
Станува збор за предлог закони за средното образование; стручно образование и обука; образование на возрасните; учебници во основното и средното образование, како и закони за изменување и дополнување на Законот за основното образование и на Законот за Националната рамка за квалификации.
Работните групи имаат обврска до крајот на тековниот месец, да ги подготват предлог законските решенија, односно законски измени, по што истите ќе бидат објавени на владиниот ЕНЕР систем на увид на јавноста. Ќе се организира и јавна дебата со цел да се даде можност за предлози и сугестии заради подобрување на содржината и проследување на најдобрите верзии во собраниска процедура.
Најдобрите и најефективни законски решенија се носат исклучиво преку инклузивен пристап со учество на сите засегнати чинители. МОН го почитува овој принцип и ги охрабрува граѓаните активно да учествуваат во градењето на поквалитетен образовен систем.