Нова група волонтери на американската федерална агенција Мировен корпус почнува со работа во Република Македонија. Дел од волонтерите кои денеска дадоа свечена заклетва, ќе соработуваат со девет основни и две средни училишта, во рамки на Програмата за англиски јазик и инклузија. Заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу, заедно со амбасадорката на САД во РСМ Анџела Агелер и директорката на Мировниот корпус во Македонија Дебора Конер, посакаа и овие волонтери да продолжат со посветеноста на нивните претходници да даваат придонес во напорите да се мотивираат учениците да напредуваат низ процесот на образование.

„Волонтерите заедно со наставниците и професорите по англиски јазик ќе соработуваат со цел унапредување на наставата по англиски јазик, како на самите часови, така и во многубројни дополнителни активности како клубови и кампови, спортски активности, работилници за животни вештини, проекти за подобрување на училишата и обуки на наставниот кадар. Улогата на волонтерите во училиштата е особено важна сега, после еден тежок период во кој пандемијата имаше силно влијание врз образованието и младите луѓе“, рече заменик министерот Алиу.

Соработката со волонтерите на Мировниот корпус датира од 1996 година, а е официјализирана со потпишувањето на Меморандум во 2014 година.