Париз, но и во другите градови, за каде за денеска се најавени протести, се под засилено полициско обезбедување со цел да се спречат насилствата и немирите од минатонеделните протести.
Како што најавија француските власти денеска ќе бидат распоредени 20 проценти повеќе припадници на безбедносните сили отколку на 17 октомври. Ширум Франција ќе бидат распоредени околу 70.000 полицајци, хеликоптери, оклопни возила и водени топови.
Францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез вчера ги предупреди демонстрантите дека полицијата ќе биде „апсолутно бескомпромисна кон оние што учествуваат во насилство“. Тој додаде дека на социјалните мрежи има бројни повици од радикални ултралевичарски групи за насилство и вандализам.
Во сила е и претходно донесена забрана за незаконските протести, додека на организираните групи, како што се синдикатите, им се понудени алтернативни маршрути за маршевите со цел да се заштитат трговските објекти од вандалите.
Насилството на минатонеделните протести ескалираше кога дел од демонстрантите почнаа да палат, да упаѓаа во јавни објекти, да кршеа излози, да крадат и се судрија полицијата. Тоа беа најсериозните немири забележани во Франција изминатите неколку години, при што се приведени 2.700 лица, илјада се појавиле пред суд, а 217 лица, во забрзани судски постапки, им е изречена затворска казна.
На денешните протести граѓаните ќе побараат намалување на високите трошоци за живот, а се очекува да им се придружат студенти, синдикатите и активисти од движењето „Жолти елеци“, чии протести против социјалната неправда ја потресоа Франција во 2018 и 2019 година.
Средношколците на вчерашната средба со претседателот Емануел Макрон, повикаа на „продолжување на мобилизацијата“ и најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се објават конкретни мерки.
Претходно Министерството за внатрешни работи соопшти дека не е исклучена можноста за забрана на нови собири, како и дека полицијата е на највисок степен на подготвеност. Ќе бидат распоредени и антитерористичка единица на француската армија Сентинел, како и елитна тактичка специјална единица на француската национална жандармерија (ГИГН) и елитна тактичка единица на француската Национална полиција (РАИД).
Во Марсеј денеска нема да има јавен превоз, со цел да се спречи повторување на насилството од минатиот викенд, кога беа оштетени повеќе од 500 деловни објекти. Префектурата за регионот Рона, каде е лоциран Марсеј, од синоќа од 23 часот е воведен полициски час, што траеше до денеска до пет часот.
Слични рестриктивни мерки најавија и Ница, Тулон, Руан и Гренобл.
Полицијата ја одобри рутата на синдикалниот марш на Генералната конфедерација на трудот (ЦГТ) на релација Бастиља – Нација (Bastille – Nation), чиј протести почнува во 14 часот. Додека е забранета рутата од Бастиља до Опера што ја бараа „Жолтите елеци“. Исто така забранети се собири и протести пред Елисејската палата, седиштето на премиерот и двата дома на францускиот парламент.
Поради најавените протести во Париз од девет часот ќе бидат затворени 24 метро станици.
Исто така ќе бидат затворени музеите „Лувр“, „Орсе“, „Пикасо“ и „Гран пале“. Министерството за култура ги повика сите институции под негова надлежност да ги преземат неопходните мерки за да се осигурат „безбедноста на посетителите, заштитата на вработените и зачувувањето на уметничките дела“.
По насилните протести во делови од Париз е воведен делумен полициски час. Полицијата соопшти дека полицискиот час на плоштадот Република (Place de la République) и во трговската зона „Ле Ал“ (Les Halles) полицискиот час, од 23 до шест часот ќе остане во сила до понеделник.
