Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свеченоста по повод 80-годишниот јубилеј на централнобанкарското работење на Народната банка. Настанот се одржа во Музејот на Народната банка во присуство на голем број гости и претставници од финансискиот сектор.
Во своето обраќање, таа говореше за развојниот пат на Народната банка и нејзината трансформација во зависност од економските и општествените промени, како и за нејзиниот суштински придонес низ годините. Таа потенцираше дека во 1991 година дојде до историска промена на централнобанкарското работење, односно до воспоставување на монетарен суверенитет во самостојна и суверена Република Македонија.
Според Сиљановска-Давкова, независноста, кредибилитетот и довербата не претставуваат само формални обележја на централното банкарство, туку се темелни принципи врз кои се градат ценовната и финансиската стабилност. Таа посочи дека институционалната независност и отчетноста се заемно комплементарни предуслови за професионално одлучување и за заштита на долгорочниот јавен интерес.
Говорејќи за значењето на ценовната стабилност, претседателката укажа дека таа непосредно се одразува врз животниот стандард на граѓаните, сигурноста на семејните буџети и врз можноста домаќинствата и компаниите долгорочно да ја планираат својата иднина, нагласувајќи ја монетарната и финансиската стабилност како општо добро чии бенефити му припаѓаат на секој граѓанин.
Таа додаде дека современите предизвици бараат постојана адаптација на институциите, особено во ера на глобални финансиски кризи, геополитички тензии, климатски промени и забрзан технолошки развој. Овие фактори наметнуваат нови барања пред централните банки, кои мора постојано да ги унапредуваат своите аналитички и технолошки капацитети, да вложуваат во знаење и стручност и да развиваат силни механизми за одговорно управување со ризиците.
По повод значајниот јубилеј, Сиљановска-Давкова упати искрени честитки до институцијата, оддавајќи им признание на сите генерации раководители, банкари и вработени кои со својата стручност, посветеност и одговорност учествуваа во нејзиното градење и усовршување.
На свеченоста свое обраќање имаше и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, а во рамки на програмата беше прикажан и документарен филм посветен на осумдесетгодишниот историски развој на македонското централно банкарство.
