Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека Македонија има највисока стапка на раст на бруто-домашниот производ и најниска инфлација во регионот. Како потврда за оваа оценка, тој ги посочи податоците на Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Мицкоски зборуваше по промоцијата на мобилната апликација „М.услуги“, одговарајќи на новинарски прашања.

Според премиерот, инфлацијата во земјата е за 25 отсто пониска од европскиот просек, што тој го поврза со политиките на Владата. Истовремено, како што нагласи, во вториот квартал од годинава економскиот раст достигнал 4,3 отсто, при инфлација меѓу 2 и 3 проценти.

„Да, ние имаме пробизнис и проекономска политика што ја водиме како Влада и во таа насока ќе продолжиме. И Европската комисија, и Меѓународниот монетарен фонд, и Светската банка го потврдуваат тоа што ние како Влада го зборуваме, дека во регионот сме држава со највисока стапка на раст на бруто-домашниот производ и со најниска стапка на инфлација. Односно, да бидам попрецизен, ако во минатото овие што денеска се опозиција, а тогаш беа влада, нè убедуваа дека стапката на инфлација во Македонија е двојно поголема од европскиот просек поради тоа што е увезена, денеска гледаме дека имаме за 25 отсто пониска стапка на инфлација од онаа што е европски просек, а тоа е резултат на политиките на Владата. А во исто време, кога имате стапка на инфлација помеѓу 2 и 2,5 проценти или помеѓу 2 и 3 проценти, да генерирате раст од 4,3 проценти во вториот квартал од оваа година, навистина претставува проактивна економска политика и политика што носи резултати – изјави Мицкоски.“

Премиерот оцени дека финансиската состојба во државата пред 28 месеци била исклучително тешка. Според него, Владата сè уште ги подмирува обврските наследени од претходниот период. Тој посочи дека за 2027 година треба да се рефинансираат или да се вратат заеми во вредност од 2,3 милијарди евра, додека за 2028 година обврските изнесуваат 2,7 милијарди евра.

„Состојбата во државата пред 28 месеци беше катастрофална. Ние не бевме на нула, ние бевме длабоко во минус. А тој минус допрва го плаќаме. За следната година треба да презапишеме или да вратиме заеми од минатото во вредност од 2,3 милијарди евра. Во 2028 година треба да презапишеме или да вратиме зајми од минатото со буџетски дефицит од 2,7 милијарди евра. Значи, само за две години треба 5 милијарди евра или да презапишеме или да вратиме заеми, кои се подигнувани во минатото. Најголемиот скок се зајми во 2020 година кога имавме на отворена сцена брутален поткуп за време на изборите во 2020 година – рече премиерот.“

Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи да ги исполнува финансиските обврски и да ги спроведува реформите, и покрај тешкотиите за кои вели дека ги наследила. Тој актуелната меѓународна состојба ја опиша како период на сериозни глобални кризи, посочувајќи ги војната во Украина, случувањата во Европа и протестите во повеќе метрополи.

„Сето тоа го враќа оваа Влада, но нема да очајуваме. Тоа е што е, таква е ситуацијата, ќе се бориме, ракавите се засукани, ќе работиме на реформите и ќе го испорачуваме она што го наследивме како проблем создаден со децении. Тешко е, не е лесно. Живееме во време на услови на трета светска, тивка војна, енергетска, епски најголема криза што човештвото ја памети. Гледате војна во Украина, гледате во Европа што се случува, секој ден, нема метропола во која нема масовни протести. Гледате во соседството што се случува – истакна Мицкоски.“

И покрај предизвиците, премиерот оцени дека состојбата во Македонија е подобра отколку пред три или четири години. Тој најави дека Владата ќе продолжи да ја одржува и унапредува економската состојба, а како главна цел го посочи интересот на граѓаните.

„Ние како држава имаме навистина состојба на која многумина може да ѝ позавидат и таа состојба ние ќе ја чуваме, ќе ја негуваме и ќе ја подобруваме. Не е идеално, не може да биде сѐ идеално, но многу е подобро од она што беше пред три или четири години. И убеден сум дека со оваа политика за три или четири години ќе биде многу подобро од тоа што е денес. Така што, продолжуваме да работиме за интересот на граѓаните, тоа е наша цел – рече Мицкоски.“