Претседателката на ДОМ и пратеничка Маја Морачанин во интерес на здравјето на граѓаните, бара топланите во Скопје да продолжат да работат на гас. Морачанин, која во неделата доби втор мандат како претседателка на оваа партија, во интервју за МИА вели дека ќе инсистираат да се почитуваат нивниот став и барање работата на топланите да продолжи на гас и да не се префрлуваат на дизел или мазут, коишто навистина многу загадуваат, бидејќи тоа многу ќе се рефлектира на загадувањето на воздухот во Скопје.
– Состојбата е тешка и затоа велам ова се прашањата коишто се од интерес за граѓаните. Јас за тоа зборував не само во коалицијата, туку и на лидерската средба која ја организираше премиерот Ковачевски со сите претседатели на политичките партии во Парламентот и го истакнав ова прашање, односно барање дека без разлика на цената на гасот, бидејќи состојбата е дека еве гас може да се снабди само по таа цена на берзите и што е поисплатливо, нашиот став како ДОМ и наше барање беше да продолжи работата на топланите во Скопје на гас, да не се префрлуваат на дизел или мазут коишто навистина многу загадуваат и тоа се рефлектира дефинитивно многу на загадувањето на воздухот во Скопје, рече Морачанин.
Тоа е, вели Морачанин, ставот што ние го наметнавме и ќе инсистираме да се испочитува без разлика на цената.
– Дури и да биде поскапо затоплувањето со гас, во интерес на здравјето на граѓаните да продолжат топланите да работат на гас, изјави Морачанин.
Таа нагласува дека работењето на гас ќе биде поисплатливо отколку потоа граѓаните да се лекуваат, посочувајќи дека треба да се гледа и тој аспект.
– А во однос на цената реков, нека биде и поскапо, но да ги заштитиме граѓаните. И тоа не е само за Градот Скопје, бидејќи во Градот Скопје секојдневно гравитираат многу луѓе заради образование, заради работа итн. Така што голем број на наши граѓани од Македонија се подложни на загадувањето на воздухот во Скопје, рече претседателката на ДОМ.
На оваа тема Морачанин зборувала и со министерот за животна средина и нејзини очекувања се дека топланите ќе продолжат да работат на гас.
– Исто така и министерот за животна средина инсистира на ова и Владата мислам дека ќе постапи во таа насока, така што очекувам топланите да продолжат да работат на гас. Никој не може да предвиди со војната во Украина и како ќе се развиваат тие состојби ако нема воопшто снабдување со гас, но не очекувам тоа да се случи по сите најави што ги добиваме, што ги слушаме дека сепак ќе има снабдување со гас, изјави Морачанин.
Во интервјуто за МИА, што ќе биде објавено во целост утре, претседателката на ДОМ зборува и за ставовите на партијата за уставните измени, за евентуални предвремени избори, за работата на Парламентот, како и за следните активности на нејзината зелена партија