Премиерот на Полска Матеуш Моравјецки денеска изјави дека сака да му каже на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, никогаш повеќе да не ги навредува Полјаците како што направи неодамна за време на неговиот говор во Обединетите нации.

„Полјаците никогаш нема да го дозволат тоа, а одбраната на доброто полско име не е само моја должност и чест, туку и најважна задача на полската влада“, рече Моравјецки на митингот во Свидњик, пренесе „Газета Виборча“.

Тој посочи дека Полска ќе се брани во сегашниот геополитички контекст, дека има свои причини и дека знае како треба да се обликуваат овие причини.

Во своето обраќање во Обединетите нации, Зеленски рече дека Киев „напорно работи на зачувување на копнените патишта за извоз на жито“ и дека „политичкиот театар“ околу увозот на жито само и помогнал на официјална Москва.

Инсистирајќи на потребата да се заштитат домашните пазари, Полска, Словачка и Унгарија објавија свои ограничувања за увозот на жито од Украина набргу откако Европската комисија одлучи да не ја прошири забраната за увоз на пет источноевропски земји-членки на ЕУ.