Полскиот премиер Матеуш Моравјецки го искористи последниот предизборен митинг за да ја критикува и ЕУ и лидерите на полската опозиција, пренесуваат локалните медиуми.

„Гласачите ќе одлучат дали Полска ќе стане европска земја, европска покраина или ќе остане суверена земја. Опозицијата сака да го спроведе миграцискиот пакт на ЕУ што е можно поскоро, кој вклучува прифаќање на мигрантите“, рече Моравјецки.

Покрај опозицијата, Моравјецки ја искористи можноста да го критикува и украинскиот претседател Володимир Зеленски и рече дека тој заедно со германскиот канцелар Олаф Шолц и Германија сака да ги реализира своите интереси на сметка на другите централноевропски земји.

„Ќе го браниме полското земјоделство од украинските олигарси. Зеленски употреби многу недолични зборови за време на неговиот говор во ОН. Разбирам дека сега мисли дека ќе има близок сојуз со Германија. Ве предупредувам, Германците секогаш ќе сакаат да склучат договор со Русите преку шефовите на централноевропските земји“, рече полскиот премиер.

Тој исто така нагласи дека Полска досега направила многу за Украинците.

„Полска пречека неколку милиони Украинци под нашите покриви. Полјаците ги пречекаа Украинците во моментот кога Германците сакаа да испратат 5.000 шлемови во опколениот Киев. Не заборавајте го ова, господине Зеленски“, заклучи Моравјецки.