Во Гостивар во следните недели може да се појават случаи на хепатит А и хепатит Е како задоцнета последица од загадувањето на водата, предупредува Комисијата за заразни болести. Засега нема регистрирани ниту потврдени случаи на овие заболувања, но здравствените власти најавуваат засилен епидемиолошки надзор поради периодот на инкубација на вирусите што можат да се пренесат преку загадена вода.
Претседателката на Комисијата за заразни болести, Жаклина Шопова, информираше дека во изминатите десет дена околу 3.850 жители на Гостивар побарале лекарска помош поради дијареа, повраќање и други стомачни тегоби. Иако бројот на нови пациенти се намалува, таа предупреди дека по цревните инфекции може да следи појава и на други заболувања поврзани со загадена вода.
Хепатит А најчесто се пренесува преку контаминирана храна или вода, а првите симптоми обично се појавуваат околу еден месец по заразувањето. Кај хепатит Е, периодот на инкубација може да трае од две до десет недели, поради што надлежните предупредуваат на можност за задоцнета појава на заболени.
Од Комисијата нагласуваат дека предупредувањето не значи дека во Гостивар веќе има епидемија на жолтица, туку дека постои ризик од појава на нови случаи во наредниот период. Граѓаните се повикуваат веднаш да се јават на лекар доколку забележат пожолтување на кожата или белките на очите, темна урина, изразен замор, мачнина или болки во стомакот.
Кај досегашните пациенти сè уште не е утврден еден заеднички причинител на масовните цревни инфекции. Кај дел од примероците биле изолирани астровирус и шигела, но причинителите не се исти кај сите заболени.
Комисијата повторно апелираше водата од гостиварскиот водовод да не се користи за пиење и за други намени сè додека надлежните институции официјално не потврдат дека е безбедна.
