Од таму велат дека боите од бугарското знаме во спотот биле само перцепција, а државјанството е лична слобода.
Јавниот сервис нема право да дискредитира никого по основа на верски, национални или други определби и дека има целосна слобода да одреди за претставник пејач независно од неговото државјанство. Праксата покажала дека речиси на секој Евросонг има такви случаи, велат од МТВ.
Во јавноста се крена врева, поради два кадра на спотот кои беа протолкувани како спорни.
Според извештајот на работната група, станува збор за поинаква перцепција, поради која уметничкото дело на Жанета Вангели коешто се наоѓало во тие два кадра, предизвикало асоцијација на знаме на туѓа држава. По реакциите од јавноста, спотот бил повлечен и преработен. Во врска со вториот контроверзен момент, изјавите на Гарванлиев дека имал двојно државјанство, работната група посочува дека станува збор за дел од интервју дадено пред повеќе од една година коешто сега добило публицитет. Согласно со правилата на ЕБУ – Јавниот сервис нема право да дискредитира никого по основа на верски, национални или други определби и дека има целосна слобода да одреди за претставник пејач независно од неговото државјанство. Праксата покажала дека речиси на секој Евросонг има такви случаи, објаснуваат од МРТ.
Од таму додаваат дека евентуалното откажување од настап на Евросонг би предизвикало финансиски и други импликации по МРТ и драстично би го нарушило угледот и на Јавниот сервис и на државата во меѓународни рамки.
Сепак, имајќи го предвид сево ова, а особено поларизираноста во нашето општество, Комисијата предлага за во иднина сериозно да се преиспита учеството на Јавниот сервис на меѓународни културни манифестации, се додава во соопштението.
Инаку, денеска вицепремиерот и министер за надворешни работи Екатерина Захариева го повикала заменик-шефот на амбасадата на Република Македонија во Софија, Владимир Крастевски на разговор, бидејќи „бугарските дипломати изразиле длабока збунетост и разочарување од големата негативна кампања во Република Македонија против Васил Гарванлиев.“
Бугарското министерство за надворешни работи соопшти дека „Бугарија ќе продолжи да ги вложува сите неопходни напори во согласност со принципите на меѓународното право за да ги заштити правата на бугарските граѓани и граѓаните кои прогласуваат бугарски идентитет, каде било во светот.“