Mинистерството за труд и социјална политика, по денешната средба со претставници на Иницијативниот одбор на пензионери на Македонија, информира дека сите барања кои им биле доставени ќе бидат разгледани и заедно во дијалог со Сојузот на пензионери ќе се креираат понатамошните политики и мерки за пензионерите со посебен акцент на оние со пониски пензии, а во насока на обезбедување на достоен живот за сите граѓани.

На средбата со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, претставниците на Иницијативниот одбор на пензионери, како што информираат од МТСП, ги изнеле своите барања меѓу кои, линеарно зголемување од 3500 денари на сите пензии, како и продолжување на усогласување согласно новата методологија воспоставена минатата година, одредување на минималната пензија во износ 80 отсто од минималната плата, ,зголемување на надоместокот за мобилност и туѓа нега и Гарантирана минимална помош.