Дваесет и едногодишен словенечки државјанин е уапсен откако, според полицијата, му го одзел службениот пиштол на полицаец, пукал во него и го ранил, а потоа избегал со полициското возило. На инцидентот му претходувала сообраќајна несреќа на обиколницата кај Љубљана, која осомничениот наводно ја предизвикал.
Словенечката полиција организирала голема потера по него, а тој бил пронајден и уапсен во Радовљица, објавија словенечките медиуми. Осомничениот е задржан во притвор.
Од Полициската управа во Љубљана соопштија дека кратко пред 9 часот полициски службеници од Сообраќајната полициска станица Љубљана постапувале кон возачот на автопатот Горење, во близина на излезот Шмартно.
Според досегашните информации, 21-годишникот претходно предизвикал сообраќајна несреќа на обиколницата кај Љубљана. Во текот на полициската постапка тој му го одзел службениот пиштол на еден од полицајците и пукал во него.
На повредениот полицаец му била укажана прва помош, по што бил пренесен во медицинска установа. Од полицијата информираа дека неговиот живот не е во опасност.
По пукањето, осомничениот го украл службеното полициско возило и се упатил во правец на регионот Горењска. Полицијата веднаш започнала потера, по што го пронашла и го лишила од слобода во Радовљица.
Според неофицијалните информации на словенечкиот портал „Дневник“, во близина на училиштето во Радовљица биле распоредени повеќе полициски возила, а во потрагата бил вклучен и хеликоптер. Полицијата ги пренасочувала минувачите кон околните улици.
Училиштето и градинката во Радовљица биле затворени за време на полициската акција.
Полициските службеници продолжуваат интензивно да ги проверуваат сите околности поврзани со случајот.
