Инцидент се случил во Клиничката болница во Тетово, каде 24-годишен жител на тетовското село Палатица предизвикал нарушување на редот откако му било побарано да плати за медицинска услуга.

Според информациите пријавени во СВР Тетово, Џ.М. на 1 септември околу 19:50 часот го скршил стаклото од приемниот шалтер во болницата. При инцидентот, повреди добиле 24-годишникот и двајца вработени во установата.

Ситуацијата дополнително ескалирала по интервенцијата на полициските службеници. Имено, Џ.М. физички нападнал и полициски службеник кој постапувал во случајот.

Поради сериозноста на повредите, 24-годишникот бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде му била укажана медицинска помош.

Полициски екипи извршиле увид на местото на настанот. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосното документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.