Летото е време на годишни одмори, но во Аеродром не е така. Се радувам кога сите ние во Општина Аеродром и градежната механизација работиме со полна пареа за да реализираме, нови и важни проекти кои се дел од нашите ветувања дадени пред граѓаните. Овој период реализираме нови инфраструктурни инвестиции со кои уште еднаш ги потврдуваме нашите континуирани напори за обезбедување подобри услови и поквалитетен живот за граѓаните, напиша на Фејсбук градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
-Градежната механизацијата активно работи во населбата Лисиче каде во тек е реконструкција на улицата „Црноризец Храбар“ во должина од 500 метри, шест метри коловозна ширина и тротоар. Реконструкцијата опфаќа и бележење на хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација, замена на целосно дотраениот материјал и обнова на дел од атмосферската канализација. Проектот се реализира со средства обезбедени од Светска банка, преку Министерството за транспорт и врски. Изградбата на нови улици и изведбата на нови паркови на неколку локации е дел од обемните инфраструктурни инвестициски активности кои оваа сезона се реализираат на неколку локации во Аеродром. Крајот на летото и почетокот на есента, ние ќе ги одбележиме со завршени важни проекти кои ќе донесат побезбеден сообраќај, поефикасен транспорт и сериозно подобар маалски живот за жителите на Аеродром, истакна Муцунски.