Тој вели дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ бил покрај помошта која што е предвидена во рамките на овие закони за февруари и март, уште овој момент законите да предвидат директна помош и за април и за мај, предложивме средствата директно да бидат префрлени на сметките на граѓаните односно средствата поврзани со плата, пред се поради одредените недоследности и злоупотреби кои што се случуваат во системот, а исто така предложивме средствата кои што ќе бидат помош за граѓаните и компаниите да бидат неповратна помош.
– Ниту еден од овие суштински амандмани не беше прифатен од страна на Министерството за финансии и од страна на парламентарното мнозинство. Согласно нашите информации се создадени услови за уште денес да се одржи пленарна седница на Собранието на која што конечно ќе заврши законодавната постапка околу овој пакет на економска поддршка на граѓаните и компаниите. Помошта, иако сметаме дека е недоволна, иако сметаме дека треба да биде на различен начин димензионирана како што кажавме во самите амандмани, сепак е форма на помош и нашата улога како пратеничка група е да што побрзо стигне до граѓаните. Секој дополнителен ден кој што чекаме значи изгубени работни места, значи неисплатени плати за нашите сограѓани, значи затворање на уште компании – смета Муцунски.
Тој апелира до владеачкото мнозинство овие закони да бидат донесени уште денес, за веќе утре законите да бидат објавени во Службен весник, што значи час поскоро сите да работиме да бидат донесени овие закони.
– Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е во Собранието, ние сме подготвени уште денес на пленарна седница да дадеме поддршка за овој недоволен но сепак потребен сет економски мерки – вели Муцунски.