ЕУ е позаинтересирана за нови членки и нивната интеграција

Повеќе од една година по почетокот на руската инвазија врз Украина, Европската Унија покажува зголемено внимание кон проширувањето и интеграцијата на земјите од Западниот Балкан. Според министерот за европски прашања Орхан Муртезани, ЕУ е позаинтересирана за нови членки, а денешниот состанок во Копенхаген ја потврдува посветеноста на Унијата кон регионот.

„Европа е многу позаинтересирана, особено со постепената интеграција, за што правиме сè што можеме. Она што треба да го направиме сега е да се осигуриме дека напорите што ги вложуваме ќе дадат резултат што е можно поскоро. Сметам дека до 2030 година сите земји кандидатки од Западен Балкан можат да станат членки на ЕУ“, додаде Муртезани.

Тој нагласи дека денешниот собир во Копенхаген не е само состанок, туку и порака дека земјите кандидатки не се оставени надвор, туку седат на иста маса со државите членки на Унијата.

„Тоа е вистинскиот дух на процесот на проширување“, истакна Муртезани.

Министерот потсети дека мотото на собирот „Од Копенхаген, преку Копенхаген, до Копенхаген“ испраќа јасна порака: постои еден патоказ и еден сет критериуми за зачленување – Копенхашките критериуми.

„Поради неколкуте политички пречки, Македонија чека предолго, но ние сме посветени на нашата европска иднина и се обидуваме да ја обезбедиме“, додаде Муртезани, нагласувајќи дека интеграцијата во ЕУ е суштински трансформациски пат за целата регија.