Потребна е поголема соработка во услови на нови геополитички предизвици

Во време на засилени безбедносни и геополитички предизвици, владите мора брзо да се приспособуваат и да дејствуваат заеднички. Соработката меѓу државите е единствената реална опција во вакви услови, истакна министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на меѓународната конференција Budapest Balkans Forum 2026 во Будимпешта.

Муцунски говорел во рамки на дискусијата посветена на темата „Централна Европа и Западниот Балкан во новата геополитичка ера“. Конференцијата се одржува во организација на Унгарскиот институт за меѓународни прашања.

– Потсетив дека државата го доби кандидатскиот статус за членство во ЕУ заедно со Хрватска и дека во изминатите години направивме сериозни национални отстапки. Нашето општество е силно проевропско, Владата е фокусирана на европските реформи и целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, но очекуваме процесот на проширување да биде јасен, кредибилен и предвидлив, посочил Муцунски.

Коридорите 8 и 10 важни за безбедноста и трговијата

Министерот ја нагласил и стратешката важност на Коридорите 8 и 10. Тој посочил дека тие имаат значајна улога и од безбедносна и од трговска перспектива.

Во обраќањето било истакнато и значењето на односите со Унгарија, со која земјата има Договор за стратешко партнерство.

– Унгарија ја гледаме како важен пријател и поддржувач на нашиот европски пат. Наша задача е да бидеме предвидлив партнер на Европската Унија, но истата таква предвидливост и кредибилност ја очекуваме и од земјите членки, посочил Муцунски.

Дебата со претставници од регионот

Муцунски се обратил на воведната дебата на високо ниво на тема „Централна Европа и Западниот Балкан во новата геополитичка ера“.

На панелот учествувале и министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, како и заменик-претседателот на Владата за надворешни и европски прашања на Црна Гора, Филип Ивановиќ.