Муцунски од Варшава: Македонија 20 години чека на старт на преговори, време е за реализација, не само за зборови

„Македонија е веројатно најспецифичниот случај во евроинтеграциите“ – оваа порака ја испрати министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Тој пристустуваше на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки и кандидатки за ЕУ, што денеска се одржува во Варшава.

Муцунски ја повика Европската Унија да ги надмине постојните блокади и да го исполни ветувањето дадено кон Западниот Балкан. „Станува збор за 20 години статус на земја-кандидат, без почеток на преговори. Ако со некого се однесувале со двојни стандарди, тоа сме ние“, изјави тој.

Муцунски дециден: Не треба да преговараме за идентитетски прашања

Потребна е политичка волја и крај на билатералните условувања

Муцунски истакна дека земјава е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Тој ги повика земјите членки да престанат со билатерализација на пристапниот процес.

„Потребна е јасна, доследна политика на проширување во пракса. Доста беа декларативни поддршки, време е за конкретни чекори“, рече министерот, додавајќи дека постои сериозен јаз помеѓу очекувањата и реалноста во ЕУ-интегративниот процес.

Македонија останува посветена на реформите

Муцунски порача дека државата останува посветена на Реформската агенда и на усогласување со законодавството на ЕУ, вклучително и Планот за раст. Тој ја истакна и важноста на регионалната соработка и изградба на стратешки пристап кон заедничките предизвици, особено во светло на хибридните закани и геополитичките ризици.

„Одлуките што ги носиме се заеднички, како што се заеднички и предизвиците со кои се соочуваме“, потенцираше шефот на македонската дипломатија.

Состанокот во Варшава се одржува во рамки на неформалното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАЦ), каде што министрите разговараат за отпорноста на европската безбедносна политика и справување со хибридни закани.