Средба со хрватскиот шеф на дипломатијата

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски утре ќе престојува во работна посета на Загреб, на покана од хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман.

Во рамки на посетата е предвидена официјална средба меѓу двајцата министри, на која ќе се разговара за билатералните односи, политичките состојби во двете држави и можностите за унапредување на секторската соработка.

Посебен акцент ќе биде ставен на претстојното потпишување на Договор за стратешко партнерство, како и на проширување на економската соработка во повеќе области, меѓу кои енергетика, здравство, култура и туризам.

Фокус на ЕУ интеграциите и НАТО соработката

На агендата ќе биде и процесот на европската интеграција на државата, како и можностите за негово забрзување преку хрватското искуство од членството во Европската Унија.

Двајцата министри ќе разменат ставови и за соработката во рамки на НАТО, како и за актуелните глобални и регионални случувања со фокус на Западен Балкан.

Ќе се отвори и прашањето за импликациите од безбедносните и политичките состојби во поширокиот регион.

Учество на меѓународен форум во Загреб

Во рамки на посетата, Муцунски ќе учествува и на IDU Forum организиран од Интернационалната демократска унија.

Тој ќе има обраќање на тема „Заборавената граница: Западен Балкан и незавршеното ветување на Европа“, каде ќе ги претстави позициите за европската перспектива на регионот.