Министерството за спорт активно се вклучи во реализација на проектот ELEVATE, финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската Комисија кој има за цел да ја унапреди пристапноста на стадионите и да го подобри искуството на навивачите, стои во соопштението од Министерството што МИА ви го пренесува во целост.

ELEVATE проектот е насочен кон развој на практични алатки, дигитални решенија и содржини за обука кои ќе им помогнат на фудбалските клубови, лигите и операторите на стадиони да обезбедат подобар пристап за навивачите со попреченост, но и за сите посетители со специфични потреби. Во фокусот е креирање на инклузивно и достапно спортско опкружување, усогласено со современите европски стандарди.

Проектот обединува партнери од европскиот фудбал, образование и технологија и е поддржан од Европската фудбалска асоцијација (УЕФА). Платформата ќе биде спроведена од страна на Министерството за спорт, Професионална француска лига (LFP) и Романската фудбалска федерација (FRF) која е водечки партнер на проектот.

Од 23 до 25 април во Варшава, Полска, се одржа првата работна средба, на која присуствуваше координаторот на проектот од Министерството за спорт, Гордана Бошевска Цветковска. Средбата беше посветена на планирање на активностите, дефинирање на методологијата и започнување на развојот на содржините.

-Партнерството на Министерството за спорт во овој проект претставува значаен чекор кон подобро интегрирање на технологијата, фудбалските операции и практиките за пристапност, со цел да се создадат поефикасни решенија што ќе ги поддржат македонските клубови и нивните навивачи. Дополнително, соработката со ваков конзорциум, кој обединува широк спектар на експертиза — од оперативно искуство и иновации до практично животно искуство ќе ни овозможи развој на практични алатки што ќе го унапредуваат искуството на натпреварите и ќе отвораат пат за нивна примена на стадионите ширум Македонија – изјави Цветковска Бошевска.

Во рамки на средбата беа разгледани теми поврзани со услугите за навивачи, организацијата на натпреварите, обуката на персоналот и улогата на технологијата во подобрување на пристапноста. Дополнително, беше одржана и работна сесија со претставници од полскиот спортски екосистем, институции и организации на навивачи со попреченост.

Проектот ELEVATE-SS („Искуствено учење за подобрена пристапност на местата преку обука за персоналот на стадионите со вештачка интелигенција“) предвидува развој и тестирање на интерактивна дигитална платформа за обука на стадионскиот персонал – редари, обезбедување, билетарници и служби за гостопримство – со цел унапредување на нивните вештини за работа со различни категории посетители.

Со ова учество, Министерството за спорт прави важен чекор кон воведување на современи европски практики и стандарди за пристапност на спортските објекти во Македонија.

Извор: Курир