Локалните избори 2025 година, според Министерството за внатрешни работи, се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера на целата територија на државата. Од МВР нагласуваат дека се преземаат сите неопходни мерки и активности за непречено и безбедно спроведување на изборниот процес.
Приведени две лица во Прилеп за изборен поткуп
Според информациите од Министерството, до сега не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Сепак, утринава во Прилеп е забележан изолиран случај поврзан со можен изборен поткуп.
„Во 09:00 часот на улица ‘Дабничка’ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп, во врска со кривично дело ‘поткуп при избори и гласање’, ги лишија од слобода Б.Х. (72) и Д.С. (36), двајцата од Крушево“, информираат од МВР.
Во врска со истиот настан, во Полициската станица Прилеп биле повикани уште пет лица — С.А. (28), М.А. (31), Ш.А. (40), Д.А. (22) и Џ.А. (36) — сите од Крушево со престој во Прилеп. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветна пријава.
Апел за мирен изборен ден
Освен овој инцидент, регистрирани се и неколку пријави за агитирање при гласање на различни избирачки места, но по преземени мерки до овој момент не се потврдени наводите од пријавите.
МВР упатува апел до сите граѓани и политички субјекти да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Министерството ги охрабрува граѓаните сите случаи на евентуални нарушувања на изборниот процес веднаш да ги пријават во најблиската полициска станица или на броевите 192 и 112.