По отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме по два настани на подрачјата на СВР Скопје, и по еден на подрачјето на СВР Штип, СВР Куманово и на СВР Велес.
– Во СВР Скопје било пријавено дека на гласачко место 2600 граѓанин ги фрлил гласачките ливчиња затоа што не му била дозволена помош од друго лице при гласањето. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
– Во СВР Скопје било пријавено дека околу 09.35 часот во близина на влезот на гласачко место 2842 и 2842/1 на ул.„Борка Талески“ во Скопје било забележано дека на девет возила од надворешна страна на стаклата била залепена бројка на кандидат за градоначалник за град Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
– Во 07.28 часот во СВР Штип било пријавено дека било прекинато гласањето на гласачко место број 852 во кино Култура во Кочани поради истакнат плакат во близина на гласачкото место. – Во 10.10 часот во Полициската станица Кратово – СВР Куманово, претседателот на Општинска изборна комисија од Кратово пријавил дека од претседател на избирачко место бр.0931 во Кратово бил информиран дека имало агитирање на избирачкото место. Се работи на расчистување на случајот.
– Во 09.15 часот во Полициската станица Кавадарци – СВР Велес било пријавeно дека на гласачко место бр.0720 во Росоман, А.А.(61) од Росоман го остварила правото на глас, иако знаела дека е позитивна на коронавирусот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
– Апелирам до граѓаните и до учесниците во изборите и во останатиот дел од гласањето да се воздржат од инциденти, а доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните веднаш да ја известат полицијата или на бројот 192 или да пријават во најблиската полициска станица, рече Ангеловски.