Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Секторите за внатрешни работи Скопје, Штип, Куманово, Велес и Битола беа реализирани низа превентивни активности, велат од МВР.

„По повод одбележувањето на 18-ти Октомври- Европскиот ден на борбата против трговијата со луѓе, Отсекот за превенција при СВР Скопје организираше пет едукативни работилници во основни училишта на територијата на Скопје, односно во Драчево (ООУ „Климент Охридски“), во селата Кучевиште и Чучер Сандево (во ООУ „Кирил и Методиј“ и ООУ „Александар Урдаревски“), како и во населбите Шуто Оризари (ООУ „Браќа Рамиз и Хамид“) и Илинден (ООУ „Гоце Делчев“). Активност на истата тема беше спроведена и на подрачјето на СВР Штип, односно од страна на ОВР Свети Николе во светиниколското ООУ “Гоце Делчев“, како и во Куманово на повеќе локации во централното градско подрачје“, соопшти МВР.

„На подрачјето на СВР Битола, односно во Битола, Демир Хисар и Крушево едукативни работилници на тема спречување на зависности од дрога беа спроведени со средношколците од средните училишта „Ѓорѓи Наумов“ во Битола, потоа „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар и „Наум Наумовски Борче“ во Крушево, додека пак на подрачјето на СВР Велес на темата врсничко насилство беше реализирана едукативна работилница со учениците од основното општинско училиште „Блаже Конески“ во Велес.

Покрај ова, вчера, и полициски службеници од РЦ за гранични работи Југ заедно со претставници од подрачната единица на Дирекцијата за заштита и спасување – Кавадарци реализираа средби со жителите од населените места Крњево, Чемерско, Горна и Долна Бошава и одморалиштето Михајлово на теми поврзани со превенција и заштита од пронајдени неексплодирани експлозивни средства и заштита од пожари“, се додава во соопштението на МВР.