Нова можност за резервација термин преку електронска пошта за граѓаните без македонски број

Министерството за внатрешни работи информира дека од сега сите граѓани, вклучително и македонската дијаспора и оние што не поседуваат македонски телефонски број, можат да закажат термин за сликање за лични документи преку онлајн системот на МВР. Резервацијата може да се направи преку електронска пошта со пополнување на формуларот на следниот линк:
https://termin.mvr.gov.mk/Call_Request

Оваа нова функционалност е продолжение на досегашниот електронски систем за закажување, кој се користи преку официјалната веб-страница на Министерството.

Во 2024 месечно се закажувале по 7000 термини преку веб-страницата на МВР

Од воведувањето на електронското закажување во 2024 година, преку веб-платформата на Министерството, биле регистрирани просечно по 7000 термини месечно. Според податоците за тековната 2025 година, преку истиот систем месечно се реализираат над 4000 закажувања, што значи дека во просек се закажуваат речиси 200 термини дневно.

Овие податоци покажуваат континуирана употреба и растечка доверба во дигиталниот систем за закажување термини за издавање на лични документи.

Термин преку телефон се добива за еден ден, уверува МВР

Покрај онлајн-сервисот, од Министерството информираат дека и редовното закажување преку телефонски линии функционира непречено.

„Дополнително, ве информираме дека закажувањето термин преку редовните телефонски линии функционира беспрекорно и термин за редовна постапка се добива за еден ден,“ соопштија од МВР.

Системот останува достапен за сите граѓани, со цел да се овозможи ефикасна и навремена услуга при поднесување барања за лични документи.