Акцијата е спроведена од полициски службеници од Бирото за јавна безбедност, и тоа Оддел за криминалистичка полиција – Единица за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, во координација со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога.

Како што соопшти портпаролот на МВР, Сузана Прањиќ Талевска, на автопатот „Пријателство“ од страна на полициски службеници при извршен преглед на патничко возило „Опел Зафира“, со скопски регистарски ознаки, управувано од И.П. (51) од Скопје, биле пронајдени патнички куфери во кои имало 55 пакувања марихуана. Истовремено, при контрола на патничко возило „БМВ Туран“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Р. (30) од Скопје биле пронајдени црни вреќи со вкупно 116 пакувања марихуана.

Во близина на бензинска пумпа биле сопрени две патнички возила, и тоа „Мерцедес“, со струмички регистарски ознаки, управувано од О.А. (36) од Скопје, каде како сопатник бил  косовскиот државјанин Џ.Љ., како и патничко возило „Мини Купер“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Е.А. (33) од Скопје, каде како совозач бил Б.Р. (24) од Скопје, кои биле ангажирани за да го обезбедуваат транспортот на дрогата, информираат од МВР.

Во консултација со Јавен обвинител, по добиена наредба од страна на судија на претходна постапка на Основен кривичен суд Скопје извршен е претрес во дом на Б.Р., при што биле пронајдени торба со 29 пакувања со марихуана, кеса со марихуана, фантомка, дигитална вага и 11 куршуми, додека при извршен претрес во домот кај Е.А. пронајдени се еден сигнален пиштол марка „Екол“ 9мм со празна рамка, како и еден пиштол „Црвена застава“ 9 мм со една рамка со 10 куршуми за него, додека во куќниот двор било пронајдено патничко возило „БМВ“ донесено од Косово без соодветна документација, при што од страна на Царинската управа е одземено за понатамошна проверка.

До надлежното Јавно обвинителство, како што информираат од МВР; против лицата ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 и член 396 од Кривичниот законик.