Смртта на мајка и ќерка во Скопје, кои животот го загубија на 2 март годинава по пад од балкон, а за кои институциите посочија дека биле жртви на долготрајно семејно насилство, предизвика бран пријави во Министерството за внатрешни работи (МВР), пишува ДОЈЧЕ ВЕЛЕ.
По апелите на надлежните институции да не се молчи за насилството и случаите да се пријавуваат навреме, сè поголем број жртви се охрабруваат да се обратат во полиција.
Податоци од билтените на МВР
Податоците објавени во дневните билтени на МВР од 24 март наваму покажуваат дека се евидентирани 42 случаи на семејно насилство. Меѓу нив е и случајот во Росоман, кој имаше трагичен епилог, откако 27-годишен маж со остар предметја уби својата мајка.
Во изминатиот период се регистрирани бројни инциденти: на 5 април, три жени биле физички нападнати од сопствени сопрузи во Скопје, додека во Штип син нападнал татко, а на 3 април, четири лица биле приведени за семејно насилство во Куманово, Тетово, Скопје и Кичево. Претходниот ден биле пријавени дури седум случаи, при што четири лица се приведени.
Во Куманово, приведен е 32-годишен маж поради подолготрајно физичко малтретирање и закани кон сопругата. Во Тетово, две жени пријавиле физичко и психичко насилство од партнери, кои веднаш биле приведени. Полицијата во Скопје, пак, интервенирала по повеќе пријави, меѓу кои и случаи каде жртви биле и малолетни лица.
Законски измени за да се спречат трагедии
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави законски измени со цел поефикасно институционално постапување и побрза заштита на жртвите. Измените ќе ги опфатат: Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, Законот за полиција и Законот за бесплатна правна помош.
Дополнително, Граѓанскиот суд воведе 24-часовно дежурство за итно изрекување мерки за заштита на жртвите. Министерот повика секој граѓанин кој ќе забележи потенцијално семејно насилство веднаш да го пријави.
МВР ја започна и кампањата „Не биди нем сведок“, со цел подигање на јавната свест за родово базираното и семејното насилство. Преку директна комуникација со граѓаните, полицијата ги информираше за достапните услуги за помош и начините за пријавување на насилство.
Извор: Курир
