МВР објасни зошто се создадоа редици

Гужвата на граничниот премин Табановце денеска е поради воведувањето на новиот механизам за постапување со странските возила кои имаат евидентирани сообраќајни прекршоци преку системот „Безбеден град“. Од МВР појаснуваат дека не станува збор само за прекршоци направени денеска, туку во постапката се опфатени и сите претходно регистрирани прекршоци на странски возила. При излез од Македонија, возачите се известуваат дека имаат евидентиран прекршок и им се издава записник со прекршочен платен налог. Казната потоа можат да ја подмират согласно законската процедура, пренесе Скопје1.

Механизмот ќе се проширува и на другите премини

Од МВР велат дека преземаат активности за да се намали задржувањето на патниците и постапката да се одвива непречено. Според Министерството, со ова се обезбедува еднаков и неселективен пристап кон санкционирањето на сообраќајните прекршоци, без разлика дали возилото има домашни или странски регистарски таблички. Примената на „Безбеден град“ за странските возила постепено треба да се прошири и на останатите гранични премини во државата.