На 8 октомври, од 11 до 17 часот, Министерството за внатрешни работи спровело зајакнати сообраќајни контроли на територијата на целата држава. Акцијата била насочена кон возачите на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мотоцикли, трицикли, четирицикли и лесни електрични возила, односно тротинети.

При контролите биле констатирани вкупно 161 прекршок, за кои се преземени соодветни мерки согласно законските прописи.

Најмногу прекршоци, 44, биле евидентирани на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Битола. Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата констатирала 28 прекршоци, а на подрачјата на секторите за внатрешни работи Велес и Струмица биле утврдени по 22.

Во рамки на контролите биле поднесени и осум кривични пријави согласно член 297-а од Кривичниот законик. Констатирани биле и 493 прекршоци од друг вид.

Од МВР најавуваат дека ќе продолжат со зајакнати сообраќајни контроли низ државата, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и доследно почитување на сообраќајните правила и прописи.