МВР соопшти за опсежна акција и одземање на нелегално произведена дрога
Министерството за внатрешни работи информира дека во тек е голема акција за запленување на марихуана. Во правно лице во Скопје се пронајдени и одземени околу девет тони марихуана и над 1.300 шишиња масло од канабис.
Од правни лица во источниот регион се одземени повеќе од 31 тон марихуана и биомаса, додаваат од МВР. Контролите се спроведуваат во координација со Царинската управа и Комисијата за контрола при Министерството за здравство.
„Се преземаат активности за утврдување на потеклото на неодамна запленетата марихуана во Србија, со оглед на тоа дека едно лице осомничено во Србија е дел од сопственичката структура на скопското правно лице“, соопшти МВР.
Пронајдена документација откри неправилности
При контролите, Комисијата од Министерството за здравство утврдила низа неправилности. Исто така, постоела голема неусогласеност помеѓу количините на марихуана кои се поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат.
„По доставено известување од Јавниот обвинител, целата пронајдена марихуана од скопското правно лице е подигната, а во неколку правни лица од источниот регион исто така се одземени количините по констатирани неправилности“, објаснуваат од МВР.
Министерството за внатрешни работи, заедно со ОЈО ГОКК и формираниот посебен тим, продолжува со мерки и активности за целосно расчистување на случаите. По завршување на акцијата, јавноста ќе биде детално информирана.
