Актуелниот македонски шампион МЗТ Скопје Аеродром загуби попладнево пред своите гледачи од белградски Партизан со 92-74 во рамки на 2. коло во регионалната кошаркарска АБА лига.
Партизан ја оправда фаворитската улога, а клучната предност на патот до победата ја стекна веќе по првата четвртина која ја реши во своја корист со 23-9.
Најефикасен во редовите ма МЗТ и на натпреварот беше Страхиња Мицовиќ со 18 поени, а новото американско засилување во тимот од Аеродром, Мајкл Кафи, постигна поен помалку.
За кошаркарите на МЗТ Скопје ова беше прв натпревар на домашен терен по пауза од четири години, а втор пораз сезонава во регионалната лига.
Во воведното коло МЗТ Скопје загуби на гостински терен од актуелниот бранител на трофејот во АБА лигата, Црвена ѕвезда, со 87-67.
Следен противник на македонскиот шампион и повратник во регионалното кошаркарско натпреварување ќе биде црногорскиот првак Будуќност.
За МЗТ Скопје ова ќе биде второ гостување против фаворизиран противник, а дуелот е закажан за 15 октомври во Подгорица.