МЗТ Скопје обезбеди пласман во големото финале од кошаркарскиот шампионат откако аеродромци славеа и на вториот дуел со Работнички, овојпат на гостински терен со резултат 62-73. Така, МЗТ и во полуфиналето како и во четвртфиналната серија со Кожув славеше без загубен меч, како потврда зошто овој тим важи за фаворит за одбрана на шампионскиот трофеј. „Центарци“ се прикажаа во добро светло, три четвртини целосно парираа, но во последните десет минути немаа одговор за одбраната на МЗТ, па поразот беше неизбежен.
Првите десет минути од денешниот натпревар минаа во израмнета борба, Џелетовиќ и Умпиг отворија добро за Работнички, потоа се надоврза и Малешевиќ, но МЗТ со колективна игра во нападот целосно парираше, па на крајот од првата четвртина резултатот гласеше 18-18. Војдан Стојановски беше предводник на МЗТ Скопје во вториот период, во кој „металците“ за првпат успеаја посериозно да се одлепат и со тројката на Вер на одмор заминаа со убедливи осум поени предност (34-42).
Работнички не се предаде, па со цврста одбрана успеа да се врати целосно во мечот. МЗТ долго време во третиот период беше со едноцофрен број на поени, серијата промашувања ја прекина Војдан Стојановски со прецизен удар за тројка, но „центарци“ сепак го добија овој дел од мечот со 20-11, го свртеа резултатот во своја полза и во последните десет минути се влезе со предност на домашниот состав од 54-51.
Шампионот возврати со иста мера, откако му дозволи на Работнички само четири поени во првите пет минути од последната четвртина, па благодарение на ефикасниот Вер во нападот аеродромци поведоа со 58-65. Мираковски зеде тајмаут, но немоќта во нападот на Работничи продолжи, а МЗТ знаеше како да ја задржи предноста до самиот крај. Кук од линијата за слободни фрлања донесе прво двоцифрено водство на три минути до крајот , позитива што беше рутински задржана до самиот крај за конечна победа од 62-73, резултат што значеше и пласман во големото финале од плејофот за МЗТ Скопје.
Војдан Стојановски и Кук со по 18 поени беа најефикасни во таборот на МЗТ Скопје во денешниот триумф, додека први стрелци на Работнички беа Малешевиќ со 14 и Џелетовиќ со 13 поени.
Во второто полуфинале ќе се сретнат ТФТ и Пелистер, серија во која битолчани имаат водство од 0-1 во победи, а вториот меч се игра утре во СРЦ Кале.