Манчестер сити се пласираше во финалето од Лигата на шампионите откако на домашен терен го прегази Реал Мадрид со 4-0 во реванш натпреварот од полуфиналето.

Домаќините подобро го отворија натпреварот и својата прва убава шанса ја имаа во седмата минута кога Родри биеше непрецизно. Втората шанса „граѓаните“ ја имаа преку Халанд во 12. минута, но Тибо Куртоа одлично реагираше. Халанд имаше уште една неверојатна шанса, но повторно на неговиот пат застана неверојатниот белгиски чувар на мрежата.

Избраниците на Пеп Гвардиола конечно успеаја да го начнат голот на Реал Мадрид, откако во 23. минута Бернардо Силва со одличен удар донесе водство од 1-0.

Првата шанса гостите ја имаа дури во 35. минута кога Тони Крос одлично биеше од далечина, но неговиот удар заврши во пречката на противникот.

Бернардо Силва и по вторпат го матираше Тибо Куртоа откако ја удвои предноста за својот тим (2-0) во 37. минута.

Првата голема шанса во второто полувреме ја имаа домаќините во 73. минута кога Ерлинг Халанд биеше во пречката. Сите дилеми околу патникот во финалето беа решени со автоголот на Милитао во 76. минута со која Сити поведе со 3-0. Конечните 4-0 беа дело на Алварез во 91. минута.

Во финалето избраниците на Пеп Гвардиола ќе се сретнат со Интер, а натпреварот е закажан за 10. јуни во Истанбул.