Буџетот е стабилен и ликвиден, а средства има за сите тековни обврски, вклучително и за исплата на К-15, порача премиерот Христијан Мицкоски, отфрлајќи ги тврдењата дека државниот трезор ќе биде затворен на 15 декември поради недостиг на пари. Мицкоски за исплата на К-15 изјави дека оваа обврска ќе биде навремено исполнета.
Тој ваквите наводи ги оцени како „неточни и небулозни“, посочувајќи дека не станува збор за финансиски проблем, туку за организациска мерка. Како што објасни, целта е институциите навреме да ја доставуваат потребната документација и да се прекине практиката обврските да се реализираат во последен момент.
„На 15 декември не се затвора трезорот… Ова не значи дека на 20 декември ќе има клуч на врата и толку. Ќе работиме со план и со свесност дека обврските мора да се завршуваат на време. Суштината е да стекнеме навика за ред“, изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи дека рокот не е краен, но дека е неопходно да се напушти начинот на работа „во 5 до 12“, кој, според него, во минатото резултирал со незавршени обврски. Тој истовремено потврди дека ќе има исплата на К-15 за вработените во државните институции, со што дополнително ги демантираше шпекулациите за наводна неликвидност.
Осврнувајќи се на обвинувањата од СДСМ, Мицкоски повтори дека тие се неосновани и небулозни, додавајќи дека целта на Владата не е создавање паника, туку воведување поголема финансиска дисциплина во работењето на институциите.
