На 19 ноември почнува судењето за трагедијата во „Пулс“
На 19 ноември во 9:30 часот ќе започне судењето за најголемата трагедија во поновата историја на Македонија – катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој одзеде 63 животи и повреди околу 200 лица. Трагедијата се случи на 16 март годинава, за време на концертот на популарниот бенд ДНК. Главната расправа за предметот „Кочани“ со број К.бр. 1872/25 ќе се одржува во судницата во затворот „Идризово“.
Обвинети 37 лица и три правни субјекти
На обвинителна клупа ќе седнат 37 обвинети, кои имаат 33 бранители. Јавното обвинителство на 13 јуни поднесе обвинение против 34 физички и 3 правни лица за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски тогаш истакна дека обвинетите заеднички, со своите дејствија и пропусти, предизвикале значителна опасност за животите на присутните и за имот од големи размери. „Обвинетите делото го сториле со свесно непостапување според прописите и техничките правила за заштита, а дел и со директно дејствие со кое бил предизвикан пожарот“, рече Коцевски.
Судот соопшти детали за постапката
Од Кривичниот суд информираа дека постапката ќе ја води судијата Диана Груевска Илиевска, со втор член на судечкиот совет судијата Ахмед Идризи. Поради лични познанства со дел од оштетените, судијките Тамара Витларова-Смилевска и Илина Смичковска-Илиевска се изземаа од предметот. Судот нагласи дека поради големиот интерес на јавноста и медиумите, процесот ќе биде транспарентен.
Обвинителниот акт наведува дека со години наназад во дискотеката „Пулс“ се кршеле закони и се прикривале неправилности, со што било дозволено локалот да работи без основни безбедносни стандарди. Меѓу обвинетите се сопствениците, членови на нивните семејства, обезбедувачи, поранешни градоначалници на Кочани, инспектори, државни функционери и двајца поранешни министри за економија.