Вицепремиерот Битиќи најави ново поскапување на струјата, а оттука се наметнува и прашањето на чиј товар ќе падне ова поскапување?
Одговорот на прашањето е дека зголемувањето на цената ќе падне на товар на поголемите корисници, оние од третиот и четвртиот блок. По препорака на Меѓународниот монетарен фонд Владата е подготвена да го намали субвенционирањето на струјата.
Минатата година државата субвенционираше 80 проценти од струјата на домаќинствата и малите потрошувачи, а според Битиќи тоа е неиздржливо за мала земја како нашата. Тој додава дека годинава субвенционирањето е намалено на 60 насто и тој тренд треба да продолжи.
„Секако ние на препораката на ММФ за проширување на тарифните блокови ќе одговориме со проширување на третиот и најверојатно на тарифниот блок четири, со тоа што опфатот да биде поголем за тие што трошат повеќе, а за најранливите и оние кои штедат вистински да се задржи истата цена на електрична енергија“, изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања, изјави Битиќи.
Од Регулаторната комисија, која ја одредува цената на електричната енергија не сакаат да ги коментираат најавите на власта за намалување на субвенциите.
Освен ова, нова закана за цената е бугарската такса за транзит на руски гас. Владата сè уште нема одговор од Софија на барањето за ослободување на капацитетите, но Скопје очекува на иницијативата што ја поднесе до Брисел да се приклучат и други земји кои се засегнати од одлуката на источниот сосед.